Mazedonisch


Јирген Јанкофски

 

Ана Худ

 

 

Еден

 

„Неправедно“, извика Ана, „тоа е злобно, толку злобно!“

На телевизија еден бегалец цапаше во морето. Носеше дете, мртво. Грижливо, речиси нежно, го положи на плажата, клекна, погледна кон небото. Туристи во костими за капење, и деца, се приближија, се џареа. Не, не беше тоа филм, тоа беа вестите, сѐ вистинско, тукушто се случило.

Ана ги стави рацете на очите, одмавна со главата. Но, сликите останаа. А во морето имаше уште бегалци. И на хоризонтот потона уште еден чамец.

Се разбира дека не гледаше вакви слики за првпат, но денес сето тоа ѝ дојде едноставно премногу.

Спикерот на вестите рече дека ако сакаат да помогнат, луѓето можат да донираат, во секое време.

Ана отиде во детската соба и ја донесе својата штедна касичка-прасе. Дури вчера баба и дедо ѝ беа вметнале прилично многу пари за одморот. „Среќен пат! Убаво да си поминеш!“ Но беше незамисливо таа да лежи со мама и тато под палмите а да се случува она што го виде на телевизија... Не! Не може така!

Ја крена штедната касичка-прасе над главата и цак!, ја скрши на подот. Паричките се истркалаа наоколу.

„Што се случува тука?“ Мама дојде затрчана од кујната. „Па што правиш тука?“

„Сакам да донирам“, рече Ана и покажа кон телевизорот. „Ќе ми помогнеш?“

Да, но...“

„Злобно“, рече Ана, „едни се сончаат, онаму каде што други умираат – тоа мора да престане, едноставно да престане!“

 

 

Два

 

Робин удираше со исправената дланка по автоматот за гуми за џвакање.

„Беља“, опцу, „уште колку морам да пикнам внатре? Зошто не излегува едноставно ништо?“

Ана набљудуваше како Робин пребаруваше гневно по џебовите на своите панталони. Но уште пред да можеше да смести уште едно париче во автоматот, таа извика: „Чекај!“

Ана веќе ги беше прашала сите други деца од својот клас дали и тие би сакале да направат нешто за повеќе праведност во нашиот свет, против бедата, сиромаштијата, страдањето. Но сите имаа изговор: едни го заборавиле својот паричник дома, други немаа време во моментот, морале итно да учат, трети морале првин да ги прашаат своите родители, а некои тврдеа дека наводно утре ќе направат нешто, можеби.

Робин ја загледа мастиката што Ана ја беше уловила од својата училишна чанта, впрочем малку одгризана, но сеедно. И трпеливо го ислуша она што Ана му го раскажа за неподносливоста на ваквите слики на телевизија и воопшто. И навистина на крајот Робин ја додаде својата паричка кон донираните парички на Ана.

 

 

Три

 

Ана ги донираше и парите што тато ѝ ги беше подарил за добиената петка на една тешка писмена работа по математика. И ги замоли и тетин и тета, братучедите и братучетките, соседите и сосетките, па дури и наставниците и туѓинци, едноставно така на улицата, да го сторат истото тоа што и таа го направи.

А сепак овие слики, овие ужасни сцени од вестите останаа. Да, изгледаше како секојдневно да стануваат сѐ повеќе, не помалку, и овие слики, овие сцени стануваа сѐ пострашни: сѐ повеќе превртени чамци, сѐ повеќе мртви, сѐ повеќе набљудувачи.

 

 

Четири

 

Робин ја праша Ана дали знае дека тој има прочуен, светски прочуен истоименик:

Постојано облечен во зелено, прецизен со лакот и стрелата, јунак, храбар и паметен, кој им го одврзува ќесето со пари на богатите, за да им даде на сиромашните...

„Робин Худ?“

„Точно“, потврди Робин.

 

 

Пет

 

Ана размисли.

„Мислиш“, конечно праша, „дека кога богатите денес би им давале пари на сиромашните, онолку колку за овие да имаат барем за јадење и пиење, да можат да одат на училиште и потоа да си најдат работа, да живеат во мир, тогаш никој не би бегал?“

„Не знам“, рече Робин.

„И дека сиромашните не би ја напуштале својата татковина за да стигнат во богатите земји – опасно преку морето, преку пустини и преку планини и покрај границите со бодликава жица?“

„Не знам“, рече Робин.

„Каде можам да научам да гаѓам со лак и стрела?“, праша Ана.

„Не знам“, рече Робин.

 

 

Шест

 

Робин набљудуваше како од ден на ден Ана се менуваше однадвор: првин се појави со зелена панделка во косата, потоа со зелено лакирани нокти на прстите, на тоа имаше и зелен џемпер, потоа и зелено здолниште и зелени чевли и на крајот дојде и со зелено нашминкани усни и зелена сенка на очите, зелен часовник, зелен ранец, како и зелени алки, ѓердани и прстени.

Да, а колку позелена стануваше, изгледаше сѐ позатворено, изгледаше како вечно да размислува, не се смееше, им се тргаше на другите од патот, одвај разговараше со Робин.

Можеби немаше дури ни да забележи дека Робин одеднаш се појави на училиште со зелена безбол капа, да не бараа наставниците постојано од него да го тргне ова зелено нешто од главата барем за време на наставата.

„Ти стои зелената боја!“, рече Ана.

„И тебе“, рече Робин.

Обајцата се исцерија.

„Робин Худ секогаш бил насмеан“, рече Робин, „секогаш достапен, секогаш добро расположен.“

„Од каде го знаеш тоа?“

„Ах, малку почитав, на интернет и така.“

„Добро“, рече Ана, „и понатаму?“

„Робин Худ немало да може да постигне ништо сам, апсолутно ништо, без своите верни другари, без дружината никогаш немало да дојде до пари, немало да може да се грижи за праведност, не, никогаш!“

„Хм“, размисли Ана, „мислиш...?“

„Логично!“, рече Робин.

„Па тогаш“, рече Ана и му подаде зелен прстен, „добредојде во дружината на Ана Худ!“

 

 

Седум

 

Кога сега Ана самата побара на интернет, откри дека Робин Худ и неговите верни другари ги нарекувале беззаконици. А како закон на беззакониците важело: да им се земе на богатите, да им се даде на сиромавите.

Потоа дозна дека тој на богатите најчесто им ја одземал само половината од нивното злато, пари и накит, за, не дај Боже, и тие самите да осиромашат.

И на крајот прочита дека пред многу векови во Англија постоеле Робин-Худ-игри, каде се пеело и танцувало, се рецитирало, се правеле гримаси, се џонглирало, балансирало и маѓепсувало и на крајот богатите доброволно им давале пари на сиромавите, во изобилие, Робин-Худ-игрите се одржувале на денот на Робин Худ, секогаш на 1 мај.

 

 

Осум

 

„Прекрасно“, извика Робин, „денеска е први мај, ајде!“

„Но каде сакаш да одиш?“

„Онаму каде што сите богати секогаш мораат да одат, каде што се парите, во банка!“

И веќе ја фати Ана за рака и потрча со неа низ градот.

Но пред банката на едната страна веќе стоеја стари мажи и стари жени со црвени знамиња и црвени транспаренти и свиркаа заглушувачки со црвени свирчиња. А на другата страна стоеја одвај помлади мажи и жени со црни знамиња и црни транспаренти и се обидуваа да ги надвикаат свирчињата. Помеѓу нив полицијата. А кога сите зедоа здив, на една бина говореше стар говорник за моќта на парите, која работниците, трудбениците од сите земји морале да ја совладаат, и продолжи пелтечејќи да чита и други реченици од едно ливче, кои Ана и Робин не ги разбраа, иако се трудеа.

Но пред обајцата да можат да пеат или танцуваат, рецитираат, прават гримаси, да џонглираат, балансираат или маѓепсуваат, грубо ги избркаа:

„Тука не е место за игра!“

„Тука е први мај – денот за борба на трудбениците!“

„Разбравте?“

 

 

Девет

 

Внимание. Деца!, напиша Ана на интернет: Кој е против неправда? Кој е за закон на беззакониците? Ја основавме дружината на Ана Худ! Ќе учествувате? Пријавете се!

 

 

Десет

 

Не траеше долго додека Ана да добие пошта по интернет од целиот свет.

Првин се пријави Ото: Тука сум!

Потоа Ахмед, Армен, Амо, Совани и Акира.

Марија сакаше да знае дали би смеела да ја преведе пораката на Ана на друг јазик.

Секако!

Светлана сакаше да знае дали би смеела да ја препрати пораката на Ана на други деца.

Секако!

Индира сакаше да знае дали би можела да се преведе преведената порака на други јазици и да се препрати.

Секако! Секако! Секако!

Ефектот на снежната топка: Сега сакаа да учествуваат и Гизо и Златко, Хајле, Багешре, Манон и Тијс, Агнета, Ејлул и Сара, Хозе, Џон, Ѓерѓ и Џовани, Линг, Руи, Џингис, Малајка, Вајне, Хаби, Јала, Храфнхилдур, Бинтанг, Одисеј и Валујо, Најра, Мован, Ернесто и Јанко, Жанет и Јасмин, Карамба, Патрик, Рето, Нанук, Нгуну, Свен, Захари, Нарумол, Хоа, Габија, Раду, Тенцин и Со-Јунг.

Добре дојдовте!

 

 

Единаесет

 

„Прочита ли“, праша Робин, „какви идеи имаат новите членови на нашата дружина? Што да правиме?“

„Се разбира“, рече Ана, „ќе видиме што можеме да направиме!“

Беше предложено сите деца кои мораат да одат на училиште без појадок, богатите да ги поканат на ручек, со најмалку три јадења: супа, главно јадење, десерт. Веднаш!

Или сите деца толку долго да штрајкуваат додека да се воведе данок за богатите, насекаде низ светот, да, сите деца повторно да ги извршуваат домашните задачи, повторно да ги пишуваат писмените работи и да креваат рака во текот на наставата, кога сите оние што не заработуваат пари со работа, туку со пари, ќе бидат принудени секогаш да ја дадат половината од својата добивка. Точка!

Или сите луѓе да добиваат пари едноставно затоа што се луѓе, без разлика дали се млади или стари, женски или машки, дебели или слаби, жолти, темни, бели или испотени, сиромашни или богати, за сите исто пари секој месец во секоја земја, никој веќе да не мора да гладува или да остане жеден, секој да може да живее, да оди на училиште и потоа добро да работи, за да си ги исполни своите желби со чесна плата, да, сите желби што ги има, и тоа онаму каде што се чувствува како дома, да, каде што е дома. Сето богатство на овој свет е сепак доволно за сите луѓе, насекаде – зарем не?

 

 

Дванаесет

 

„Вистински љубезно, те молам!“

Робин ѝ диригираше на Ана, која стоеше во сите свои зелени работи пред големата зграда на банката, наваму-натаму:

„Уште еден чекор напред. Да, и еден кон средината, добро е така, многу добро!“

И потоа Робин ѝ ја стави на Ана и својата зелена безбол капа и клик! И клик! И клик! Постојано одново ја фотографираше.

А најубавата фотографија ја стави дури и на интернет: Голем поздрав од Ана Худ!

Дома Ана на тоа напиша: Наскоро е 1 јуни – денот на децата. Веднаш нашиот ден треба да се вика Денот на Робин Худ! Ќе се облечеме во зелено – сепак секој мора да има некаде нешто зелено: зелен чорап или зелена лента или зелена боичка или лист од палма или едноставно тревка – значи на денот на Робин Худ ќе одиме во зелено онаму каде што се парите: во банките или кај богатите дома, онака како што се осмелуваме да одиме насекаде на ноќта на вештерките! Но, нема да бараме слатки или кисели работи, не, никаква милостина, туку правда! Да, за сите! А оној што ќе нѐ исмее или ќе нѐ избрка, ќе го фотографираме и ќе го ставиме на интернет – тогаш на следниот Ден на Робин Худ повеќе зелени деца ќе бараат правда, многу повеќе – а пак тој после него и тој после него! Ефектот на снежната топка!

Робин ја праша Ана дали и тој би можел да напише нешто под тоа.

„Логично!“

И така тој напиша: Не заборавајте, ќе остариме – и тогаш ние ќе владееме со светот!

Деца од сите земји сега бргу напишаа на тоа: Да, да, да – и ние сме со вас!

Некои сакаа да го знаат уште ова, други она: дали на пример се дозволени и зелени очила, дали смее да се насликаат плакати или дури и да се снима.

Да, да, да!

И на 1 јуни, на Денот на Робин Худ, Ана напиша само уште: Почнете!

 

 

Превод: Ксенија Чочкова / Übersetzung: Ksenija Čočkova